Под Бурмали-џамија немало црква















Утрински весник 4 септември 2009



Првиот христијански верски објект на десниот брег на Вардар бил изграден во втората половина на 19 век, а тоа била католичката капела

Д-р Коста Балабанов


Во едно неодамнешно интервју, премиерот Никола Груевски рече дека барањето за изградба на Бурмали-џамијата дополнително се комплицира, бидејќи МПЦ тврдела дека таа џамија била изградена врз темелите на урната црква за време на Османлиското Царство, така што на некој начин и таа полагала интерес за тоа земјиште. Од погоре кажаното, јасно произлегува дека споменатата информација премиерот ја добил од МПЦ, бидејќи во интервјуто тој вели дека „МПЦ тврди дека Бурмали-џамијата била изградена врз темелите на урната црква за време на Османлиското Царство“.

Сакам да се обратам до МПЦ, а не до премиерот, и да прашам врз основа на кои историски изворни документи или кажувања МПЦ дошла до сознанието дека Бурмали-џамијата била изградена врз темели на некоја урната црква, па врз основа на таквите сознанија го информирала премиерот и тврдела дека таа полага интерес за тоа земјиште?

Тврдењето на МПЦ дека на локацијата на која била изградена Бурмали-џамијата порано постоела некаква црква, едноставно не одговара на вистината. Сметам дека се работи за една веќе од поодамна зачестена практика, под секоја џамија да се бара траг од постар христијански објект. Точно е дека под некои џамии изградени во Македонија се откриени траги од христијански објекти, но случајот со Бурмали-џамијата не е таков. Тоа дека под Бурмали-џамијата никогаш немало траги од каква било црква, најречито зборува анализата на единствената досега позната и зачувана гравура посветена на градот Скопје, а изработена во втората половина на 15 век од холандски сликар, кој во тој период престојувал во градот.

На нашата јавност оваа гравура и' е позната по многубројните презентирања во различни изданија, почнувајќи од тритомната Историја на Македонија, па низ бројните туристички водичи и други изданија врзани со презентацијата на градот Скопје. За оваа гравура пишував и јас, настојувајќи да ја презентирам нејзината важност за сознанијата за историскиот развој на градот Скопје во периодот од 15 и 16 век, укажувајќи притоа и на некои јасно видливи манипулации со овој значаен историски документ. Во книгата „Старата скопска чаршија“, која излезе од печат во Скопје во 1994 година нагласив дека Бурмали-џамијата била изградена на десниот брег на реката Вардар, веднаш по завршувањето на градбата на Камениот мост, кој бил изграден за време на султанот Мехмед Втори Освојувач (1451-1481) и нема никаква врска со градежната активност на императорот Јустинијан Први.





Анализата на оваа гравура, недвојбено покажува дека нејзиниот творец лично престојувал во Скопје и дека многу јасно и уверливо го насликал она што го гледал пред себе, не испуштајќи ниту еден позначаен детаљ. Од позиција на десниот брег на Вардар тој го сликал Скопје (Долен Град), расположен на левиот брег на реката и делумно теренот од десниот брег што го гледал пред себе. Во Долен Град тој ги насликал постојните објекти од тоа време, меѓу кои, во прв ред, манастирскиот комплекс на најзначајниот скопски верски објект посветен на св. Ѓорѓи Победоносец (Св. Ѓорѓи Горга - 11 век), чија локација била на брдото Виргин на река Серава, црквата посветена на св. Богородица Троерачица (1204 год.) која се наоѓала на местото на денешната новоизградена црква посветена на Богородица, како и во тој период постојните Султан Муратова (Хјунќар џамија - 1436 год.) и Алаџа (Шарена) џамија на Исхак-бег (1438 г.).

Споредени позициите на овие објекти насликани во гравурата, со нивната позиција денес, покажуваат сосема јасно дека гравурата не е измислена творба, туку реален цртеж кој ја отсликува состојбата на споменатите објекти во втората половина на 15 век. Тоа ни дава за право да сметаме дека сликарот реално ја насликал состојбата и на десниот брег на реката Вардар. А на десниот брег на Вардар, во периодот пред да се изгради Камениот мост, не постоел друг објект освен воениот магазин познат под називот Барутана и малиот мост кој служел за дотур на муниција до Барутаната. Од многу логични и разбирливи причини, Барутаната била лоцирана на десниот брег на реката, дотогаш ненаселен простор, подалеку од населбата на Долен Град. Барутаната на цртежот е претставена со сите детали, полукружен хангар изграден од метални ребрести плочи, со ѕидан пункт за стражарницата, пред која стои воена стража, со висок ѕид оградениот простор со пушкарници и бавча полна со високи зимзелени дрвја (кипарис) и друго зеленило.

Откако била донесена султанската одлука за градење на Камениот мост на реката Вардар, првата работа што требало да се направи било да се дислоцира Барутаната поради реалната опасност од експлозија. Таа одлука била спроведена, Барутаната била дислоцирана на просторот на денешното село Злокуќани, а плацот на бившата барутана османлиските воени власти го отстапиле на Исламската верска организација, која веднаш потоа на отстапениот плац почнала да ја гради Бурмали-џамијата, која била завршена во 1495 година. Значи, Бурмали-џамијата е првиот исламски верски објект изграден на десниот брег на Вардар во Скопје (од 1495 до 1924 година на местото постоела Бурмали-џамија, а од 1924 година кога џамијата била урната до 1963 година на тоа место беше Офицерскиот дом. Од 1963 година до денес на тоа место не е изграден никаков друг објект).

Бидејќи со сигурност може да се каже дека до изградбата на Камениот мост на реката Вардар, на десниот брег на реката, не постоел никаков друг ниту цивилен ниту верски (христијански или исламски) објект и дека првиот што бил изграден била Бурмали-џамијата, произлегува дека не може да станува збор за постоење каква и да е црква или друг христијански верски објект на локацијата на која првично била лоцирана Барутаната, а по нејзиното дислоцирање, османлиските воени власти ја отстапиле локацијата за изградба на Бурмали-џамијата. Според тоа, МПЦ сосема неосновано покажала интерес кон плацот на некогашната Бурмали-џамија.

На десниот брег на реката Вардар (во периодот откако бил изграден импозантниот Камен мост) почнало постепено населување на овој простор, главно, од дојденци Турци, за што сведочи и изградбата на неколку нови џамии. Набргу по изградбата на првата Бурмали-џамија (наречена Бурмали по изгледот на тордираното тело на минарето), во новоформираното маало Ајверди била изградена втората Хараџи Салахудин-џамија (во почетокот на 16 век), а во 1544 година на овој рапидно населуван простор била изградена и трета Гази Ментеш-џамија, која се наоѓала на местото на зградата број 13 на денешната улица „Димитрија Чуповски“.

Дури во втората половина на 19 век (1883/84 год) на десниот брег на реката Вардар, во новоформираното Маџир Маало, била изградена уште една, четврта џамија, Фаикпашина-џамија. Мехмед Фаик-паша имал висока државна функција, бил управител на Скопскиот округ. (Оваа џамија беше тешко оштетена во 1963 година од земјотресот, а дури во 1989 година наполно е урната).

Првиот христијански верски објект на десниот брег на Вардар, поточно на просторот спроти Долен Град, во веќе од поодамна формираното маало Гази Ментеш, бил изграден во втората половина на 19 век, а тоа била католичката капела во чиј склоп се наоѓало и седиштето на католичкиот свештеник (жупник)

Потоа, почнувајќи од 1922 до 1927 година, на просторот на десниот брег на Вардар биле изградени неколку цркви, меѓу кои и црквата посветена на св. Константин и Елена. Меѓутоа, од времето на изградбата на Бурмали-џамијата во 1495 година до изградбата на црквата посветена на Константин и Елена во 1925 година, изминале рамно 430 години.















Во написот изнесувам само сознанија што можат многу лесно да се проверат во постојните историски извори и литература, за да не се создаваат непотребни недоразбирања и проблеми, да нема кавги, а да има конструктивен дијалог втемелен врз факти, кои единствено може да придонесат за непристрасно решавање на појавениот проблем.

(Авторот е историчар на уметноста)

Comments

Popular posts from this blog

Реакција на Организацијата на Исламската Конференција за земјиштето на Бурмали џамијата